Би-би-си ја прекинува работата во Русија

Британски Би-би-си соопшти соопшти дека привремено ја прекинува работата на сите свои новинари во Русија, откако пратениците во Думата донесоа закон со кој се криминализира известувањето за војната во Украина, ако отстапува од владината линија.

Генералниот директор на британската телевизија Тим Дејви рече дека законот го „криминализира независното новинарство“. Тој истакна дека корпорацијата ја прекинува работата во Русија додека ги проценуваат „целосните импликации од овој непосакуван развој на настаните“.

„Безбедноста на нашиот персонал е најважна и не сме спремни да ги изложиме на ризик од кривично гонење затоа што ја работат својата работа“, рече тој.

Дејви додаде дека остануваат посветени на тоа на публиката ширум светот, вклучително и во Русија, да ѝ ги направат достапни точните и независни информации. Новинарите на Би-би-си во Украина продолжуваат да известуваат за руската инвазија врз Украина.

Дејви рече дека сервисот на Би-би-си на руски јазик ќе продолжи да работи надвор од Русија.

Рускиот парламент денеска едногласно изгласа закон со кој се криминализира ширењето на, како што Русија смета, лажни извештаи.

Рускиот претседател Владимир Путин би можел набрзо да го потпише законот и да стапи во сила веќе в сабота.