Путин му кажал на Шолц дека Украина мора да ги исполни руските барања

Германскиот канцелар Олаф Шолц и рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин вели дека Москва е подготвена за разговори со Украина, но инсистира на тоа дека мора да бидат исполнети руските барања, пренесува агенцијата Асошиејтед прес.

Путин му рекол на германскиот канцелар Олаф Шолц дека Украина мора да прифати демилитаризација, да го прифати суверенитетот на Москва над Крим и да ја предаде територијата на истокот, која е под сепаратистите кои се поддржани од Русија, наведува Кремљ во соопштение по телефонскиот разговор меѓу Путин и Шолц.

Русија го анектираше Кримскиот Полуостров во 2014 и ги поддржува сепаратистите во источна Украина. Путин ги призна сепаратистичките „народни републики“ како независни држави непосредно пред да изврши инвазија на Украина на 24 февруари.

Преговарачи од Русија и од Украина во четвртокот одржаа втора рунда преговори постигнувајќи привремен договор за воспоставување сигурни коридори преку кои цивилите ќе можат да ги напуштат опколените украински градови и преку кои ќе може да се испорачува хуманитарна помош.

Се очекува преговорите да продолжат за време на викендот.

„Третата рунда би можела да се одржи утре или задутре, ние сме во постојан контакт“, изјави Михаил Подољак, советник на украинскиот претседател.