Кризата во Украина покажа дека проширувањето на ЕУ е првенствено безбедносна политика и затоа Унијата треба да биде проактивна на Западниот Балкан, да го забрза своето проширување во интерес на нашата заедничка стабилност и да го затвори вакуумот за интервенции, рече денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на вонредниот состанокот на НАТО во Брисел, посветен на Украина.
„Денес упативме силна порака за единството на Алијансата и заедничката определба за зачувување на евроатлантската сигурност. Обединети сме во нашата осуда на руската воена агресија и пораката за неодложно запирање на воените дејствија, кои нанесуваат ненадоместлива загуба на човечки животи и имаат далекосежни последици за економија, мирот и просперитетот на целиот свет. Одлучни сме во нашата поддршка за Украина и солидарност со украинскиот народ, чија храброст и решителност за изнаоѓање мирно решение е достојно за почит“, рече министерот.
Министерот Османи оценил дека консолидираниот пристап на НАТО и ЕУ е најдобрата алатка за надминување на безбедносните предизвици и зачувувањето на демократските процеси во овие простори, соопшти МНР.
На состанокот во Брисел беше речено дека НАТО нема да биде дел од конфликтот меѓу Русија и Украина. Генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг најави дека се очекува влошување на воената криза во Украина по руската инвазија.