Црна Гора го затвори воздушниот простор за руски авиони

Илустрација

Воздушниот простор на Црна Гора е затворен за сите руски авиони со одлука на Агенцијата за цивилно воздухопловство, а на предлог на Министерството за капитални инвестиции, потврдија од црногорското министерството за Радио Слободна Европа.

„Министерството за надворешни работи ги усогласи и прифати директивите на ЕУ поврзани со санкциите против Русија и го извести Министерството за капитални инвестиции, кое потоа испрати барање до Агенцијата за цивилно воздухопловство, која ја објави забраната за летови. После тоа процедурите беа предадени кон Србија и Црна Гора. Ова значи дека црногорскиот воздушен простор е затворен за сите руски авиони“, соопштуваат од министерството за РСЕ.

Заедничката државна агенција за контрола на летање на Србија и Црна Гора е задолжена за контролата на летање во воздушниот простор на Црна Гора, Србија и делот од небото над Јадранското Море.

Како што објаснуваат за РСЕ од министерството, Владата на Црна Гора била информирана за сите процедури и во „вакви случаи не мора да носат посебна одлука“.

Русија најави затворање на воздушниот простор за 35 земји

Со ова, Црна Гора им се приклучи на земјите-членки на Европската унија (ЕУ), кои на 27-ми февруари го затворија својот воздушен простор за Русија, како одговор на руската воена инвазија на Украина.

Еден ден подоцна, Русија го затвори својот воздушен простор за авиокомпании од 36 земји, вклучително и сите 27 членки на ЕУ, како одговор на западните санкции.

Оваа одлука на Владата на Црна Гора е уште една во низата кои што се усогласени со надворешната политика на ЕУ, а на која се обврзани преку преговорите за членство.

Претходно Црна Гора протера руски дипломат од земјата. Црногорското министерство за надворешни работи соопшти дека причината за одлуката е проценка на безбедносните тела за активностите на рускиот дипломат кои биле во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи.