САД не се подготвени да забранат летови над Украина

Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс.

И покрај молбата на Киев, Вашингтон не е подготвен да поддржи забрана на летови над Украина, бидејќи на тој начин ќе ескалира судирот со Русија „на потполно друго ниво“ изјави денеска портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски неколку пати повика за се воведе зона на забрана на летови, уште кога почна инвазијата врз неговата земја на 24 февруари. Тој денеска повторно упати иста молба, откако Русија ја гранатираше најголемата нуклеарна централа во Украина.

Прајс во интервју за редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик рече дека Западот чини сè што може да и помогне на Украина да се одбрани, но дека „ставањето на силите на НАТО во потенцијален контакт или судир со Русија овој судир ќе го подигне на сосема друго ниво“.

„Тоа не е нешто што САД се подготвени да го направат“, рече Прајс.

Тој ова го изјави во Брисел каде што се одржува состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО за ситуацијата во Украина. Состанокот доаѓа во време кога руските сили ја заземаа најголемата нуклеарна централа во Украина. Прајс вели дека тоа што руските трупи ја погодиле нуклеарната централа е нешто што загрижува и говори за тоа дека на овој судир треба да му се стави крај. Прајс вели дека САД и сојузниците ќе продолжат со зголемување на санкциите кон Русија. Тој додава дека Западот мора да го држи отворен и жив дипломатскиот пат, иако е малку веројатно дека дипломатијата ќе успее во услови која Русија продолжува со нападите.