Украинската војска и цивилната одбрана продолжуваат да се борат со руските трупи кои ги гранатирaат градовите низ целата земја. Во меѓувреме расте меѓународната загриженост. Киев ја обвини Русија дека ги крши правата на цивилите и правилата за војување.
Голем дел од меѓународното внимание беше фокусирано на пожарот кој избувна во текот на ноќта по руското запленување на нуклеарната централа во Запорожје во североисточна Украина, за која се вели дека за малку било избегнато истекување на радијација и работела со капацитет од околу 60 проценти.
Во текот на денот гранатирања имаше и во главниот град Киев, иако се вели дека се далеку од центарот на градот.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ги обвини руските војници дека целеле цивили со бомби и извршиле силувања во украинските градови, но без да приложи докази за тврдењата.
РСЕ/РЛ и меѓународните агенции не беа во можност самостојно да го потврдат обвинението на Кулеба за силување.
„Кога бомбите паѓаат врз вашите градови, кога војниците силуваат жени во окупираните градови - и имаме бројни случаи, за жал, кога руски војници силуваат жени во украинските градови - тешко е, се разбира, да се зборува за ефикасноста на меѓународното право“, изјави Кулеба.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по состанокот на министрите за надворешни работи во Брисел изјави дека Алијансата видела употреба на касетни бомби во Украина.
Во Керсон, каде што руските трупи стигнаа до центарот на градот и се вели дека се обидуваат да воспостават локална контрола, локалните власти соопштија дека руските војници исклучиле неколку мобилни оператори.
Пристанишниот град Мариупол останува „под опсада“ додека украинските сили се борат да не им дозволат на руските сили да го опколат градот, изјави советникот на украинскиот претседател Олексеј Арестович.
Градовите Харков и Охтирка беа под оган, но одбраната „се држеше“, рече тој.
Арестович вели дека одбраната на тие градови ќе послужи за „добивање време“ и пренасочување на руските сили од други цели, вклучително и Киев.
Шефот на регионот, Дмитро Живицки, предупреди дека снемало вода и струја откако воздушен напад ја уништи електраната во Охтирка. Тој, исто така, рече дека руските војници го заземаат теренот во Енергодар во близина на нуклеарната централа Запорожжја во југоисточна Украина.
Регионалниот огранок на украинската државна администрација на 4 март соопшти дека бројот на загинати се зголемува. Проценките се најмалку 47 жртви по рускиот воздушен напад во градот Чернихив, град со околу 300.000 жители во близина на северната граница со Русија.
Објавени се слики од уништени станбени згради и запалено складиште за масло во Чернихив.
Во меѓувреме, протестите против руската окупација продолжија во регионот Запорожје, јави дописникот на Украинската служба на РСЕ / РЛ, вклучително и во Приморск и Мелитопол, каде што локалниот организатор рече дека илјадници луѓе се појавиле на централниот плоштад.
Регионалните власти соопштија дека руската војска ја опколила локалната ТВ кула во Мелитопол и почнала да емитува руски програми.
Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин одржа говор во кој тврди дека нема „лоши намери“ кон соседите.
„Би сакал уште еднаш да нагласам: ние немаме, како што кажавме претходно, лоши намери кон нашите соседи. Би ги советувал и да не ја засилуваат тензијата, да не воведуваат никакви ограничувања, ние ги исполнуваме сите наши обврски и ќе следиме понатаму да се држиме до нив“, рече Путин.
Путин ја започна инвазијата на Украина на 24 февруари, велејќи дека целта на Москва е „демилитаризација“ на Украина, обвинувајќи го Киев за екстремизам.