Кина загрижена за безбедноста по руското заземање на нуклеарната централа во Украина

Руско и кинеско знаме

Кина изрази загриженост за безбедноста по руското заземање на најголемата европска нуклеарна централа во Запорожје, каде што при нападот изби и пожар. и повика на „воздржаност“ во однос на настаните во Украина.

Кинеското Министерство за надворешни работи побара од сите страни да ја гарантираат безбедноста на нуклеарните постројки на Украина.

Претходно азиската банка за инвестиции во инфраструктурата, која е поддржана од Кина и со седиште во Пекинг, соопшти дека ги суспендирала сите операции со Русија и Белорусија, што е можен сигнал за зголемување на тензиите со Москва, откако претседателот Владимир Путин нареди целосна инвазија на Украина пред девет дена.

Официјална Кина досега ги поддржуваше руските јавни предупредувања за безбедносни закани од НАТО пред рускиот напад. Но, по стартот на воениот конфликт Пекинг избегнува да го осуди или да го нарече „војна“ нападот на Русија врз својот постсоветски сосед.

Кинеското Министерство за надворешни работи не гледаше ризиците од нуклеарна катастрофа се додека објектот во нуклеарната централа Запорожје во југоисточна Украина не се запали, откако руските сили ја гранатираа областа речиси еден час. По гасењето на пожарот утринава руските воени сили ја зазедоа најголемата европска нуклеарна централа која снабдува со енергија речиси една четвртина од населението во Украина.

„Ќе ја следиме ситуацијата и ќе ги повикаме сите страни на воздржаност, избегнување на ескалација и обезбедување на безбедноста на релевантните нуклеарни постројки“, рече портпаролот на Министерството Ванг Венбин на денешниот брифинг.

Меѓународната агенција за атомска енергија и локалните надлежни институции рекоа дека не се регистрирани зголемени нивоа на радијација во Запорожје и покрај пожарот.

Не е откриено истекување по нападот на нуклеарната централа во Украина од руски трупи

Азиската банка за инвестиции во инфраструктурата, која е поддржана од Кина, на 3-ти март објави дека ги прекинува операциите поврзани со Русија и Белорусија.

Белорускиот владетел Александар Лукашенко им дозволи на десетици илјади руски војници да организираат северна инвазија по неколкунеделните заеднички „вежби“ во близина на украинската граница.

Азиската банка за инвестиции во инфраструктурата (АБИИ )рече дека во интерес на банката, менаџментот одлучил дека „сите активности поврзани со Русија и Белорусија да се стават на чекање и се разгледуваат“.

Кина го предложи создавањето на АБИИ во 2013-та година во обид да им конкурира на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Идејата за формирање се смета дека е на кинескиот претседател Кси Џинпинг.

Русија е основачка членка на АБИИ и трет најголем акционер по Кина и Индија.

Руската економија е погодена од финансиски и други меѓународни санкции, поради војната во Украина, а аналитичарите го сметаат Пекинг како сè поважен трговски и дипломатски партнер на сè поизолираната Москва.


Путин на 4-ти март ги повика земјите да ги нормализираат односите со Русија, тврдејќи дека Москва ќе ги исполни своите меѓународни економски обврски.

„Њујорк тајмс“ неделава објави цитат од извештај на западните разузнавачки служби во кој се заклучува дека кинеските власти претходно знаеле за намерите на Путин во Украина и го повикале да избегне инвазија до завршувањето на Зимските олимписки игри во Пекинг на 20 февруари.

Кси Џинпинг и Путин се состанаа на 4-ти февруари пред Олимпијадата и дадоа долга изјава во која ветија партнерство без ограничувања.