Советот за човекови права на Обединетите нации (УНХРЦ) изгласа резолуција со која силно се осудува кршењето на човековите права за време на руските воени дејствија во Украина и се формира истражна комисија која ќе ги истражи наводите.
На гласањето на 4-ти март 32 членови гласаа за, а 13 беа воздржани. Само Русија и Еритреја гласаа против од вкупно 47-членови.
„Советот за човекови права одлучи итно да формира независна меѓународна истражна комисија како резултат на руската агресија врз Украина“, се вели во твитот на УНХРЦ.
Непосредно пред гласањето, украинската амбасадорка во Обединетите нации во Женева, Јевхенија Филипенко, го повика Советот да се сети на својата „заедничка должност да обезбеди одговорност со наложување на документација и верификација на руските злосторства и идентификација на одговорните“.
Русија негираше дека извршила какви било прекршувања на човековите права, како што е намерното таргетирање цивили, во нејзината неиспровоцирана инвазија на Украина.