Ципрас: Без Договорот од Преспа на северната граница ќе ги имавме Турција и Русија

Премиерот Зоран Заев и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас на 28 август 2021 ја примиja Меѓународната награда за мир на Вестфалија поради потпишувањето на Преспанскиот договор со кој беше решен спорот за името меѓу Македонија и Грција

Да не беше Договорот од Преспа, на северната граница Грција сега ќе ги имаше Русија и Турција, изјави денеска лидерот на опозициската Сириза Алексис Ципрас во интервју за грчка телевизија. Поранешниот грчки премиер го повтори неговиот став дека со решението на спорот запрело влијанието на други земји.

„Замислете денес што ќе имавме на нашата северна граница, ако не го склучевме овој Договор. Не само што Грција немаше да биде таа која ќе има земја сојузник за да го надгледува воздушниот простор со грчките воени авиони, туку ќе ги имавме и Турција и Русија на нашата северна граница. Ова ќе го имавме. Ќе имавме Либија на нашата северна граница. И да видам колку ќе беше лесно да правиме потези во рамките на неопходното, па дури и прекумерни потези, ако ја имавме Русија на нашата северна граница“,изјави Ципрас.

По критиките од Нова демократија за неговата поврзаност со Русија, Ципрас изјави во време на неговиот мандат и покрај отворениот дијалог со Москва, сепак биле протерани руски дипломати и граѓани во врска со Договорот од Преспа.

„Кога грчките служби ми дадоа податоци дека постои интервенција во земјата од руски дипломати, бизнисмени или граѓани во врска со Договорот од Преспа за поттикнување протести во земјата, не се двоумев тогаш да ги протерам, да ги протераме овие граѓани и дипломатите. Потег, за кој тогаш Нова демократија, која денес не критикува, тогаш беше исклучително воздржана и ни велеше не ја мешајте надворешната политика, Русија е многу важна земја за да се судрите, нема врска со Договорот од Преспа“, изјави Ципрас.

Според Цирпас Грција треба да има јасна позиција во однос на надворешната политика за ситуацијата во Украина, а не да биде неутрална, кога постои инвазија и прекршување на меѓународното право. Тој упати критики за одлуката да се испрати воена опрема. Ципрас смета дека наместо воени опрема, требало да се испрати опрема за зајакнување на хуманитарната помош, на воените болници.