Синдикалците и работодавачите разговараат за усогласување на платите

Претставници на Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавачите на Македонија денеска се состанаа за да дискутираат за потребата од усогласување на платите на работниците во приватниот сектор согласно порастот на минималната плата.

Тие се договорија преку социјален дијалог да изнајдат заеднички прифатлив модел за усогласувањето на платите на работниците во приватниот сектор согласно зголемувањето на минималната плата со колективните договори, а истото да не предизвика сериозни импликации на нормалното работење на работодавачите како и да се обезбеди сигурност и одржливост на работните места на работниците.

„ССМ и ОРМ во наредниот период заеднички ќе настапат пред третиот социјален партнер, Владата, за изнаоѓање на конкретни мерки за поддршка и на работодавачите и на работниците кои ги почитуваат работничките права и кои се дел од ССМ и ОРМ во овие исклучително сложени моменти на светска здравствена, економска, енергетска и воена криза“, се вели во соопштението на ССМ.

Во соопштението на ССМ е наведено дека двете организации се согласиле на измени на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, се со цел уредување на сите прашања кои се во интерес и на работниците и на работодавачите.