Блинкен- НАТО е одбранбен сојуз, но ако дојде до конфликт кај нас, ние сме подготвени

Пред почетокот на состанокот на НАТО во Брисел за руската инвазија врз Украина

Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска предупреди во Брисел пред собирот на министрите за надворешни работи на НАТО дека иако Алијансата „не бара конфликт“, таа е „подготвена за тоа“ и дека ќе ја брани територијата на своите членки среде руската војна против соседна Украина.

Ваквиот негов коментар доаѓаа во период кога сојузниците на НАТО сугерираат дека се обединети против руската агресија, но не се подготвени да воведат зона на забранети летови над Украина.

Дипломатскиот јазик како и финансиските и другите санкции се засилија во услови на зголемени цивилни и други жртви, како и огромни бегалски бранови од втората недела од инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин врз Украина.

„Нашиот е одбранбен сојуз. Ние не бараме конфликт. Но, ако дојде до конфликт кај нас, ние сме подготвени за тоа и ќе ја браниме секоја педа од територијата на НАТО“, изјави Блинкен пред вонредниот состанок на НАТО.

Пред почетокот на состанокот на НАТО, Блинкен и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во изјава го посочија и руското гранатирање како и заземањето на украинската нуклеарна централа во Запорожје од руските воени сили во текот на ноќта.

Украинскиот претседател претседател Володимир Зеленски рускиот напад врз нуклеарната централа го нарече „дел од стратегијата за нуклеарен тероризам на Путин“.

Нуклеарните меѓународни и украински институции соопштија дека до сега не забележале никакво истекување, ниту зголемување на нивото на радијација во тој регион.

Столтенберг ги осуди нападите врз цивилите и рече дека тие и нападот врз Запорожје ја покажуваат „непромисленоста на оваа војна“.

„Важно е да се стави крај на непромисленоста на оваа војна и Русија да ги повлече сите свои војници и да се вклучи со добра волја во дипломатските напори““ изјави Столтенберг.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба најави дека ќе го покрене прашањето за зоната на забранети летови над Украина и дека ќе се приклучи на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО.

Владите на НАТО, вклучително и Соединетите држави, сугерираат дека тоа е малку веројатно, бидејќи тоа би можело да ги стави нивните сили во директен конфликт со руската војска.