Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека денеска ќе го покрене прашањето за зоната на забранети летови над Украина кога ќе се сретне со членките на НАТО.
Украина бара од западните лидери да спроведат зона на забранети летови за да го оневозможат пристапот до руските воени авиони, но Вашингтон и неговите сојузници во НАТО досега ја отфрлија идејата поради загриженоста дека тоа може да доведе до директна конфронтација со Русија.
Но, украинските власти го одбија таквиот одговор. Претседателот Володимир Зеленски вчера го покрена повторно ова прашање на прес-конференција, додека претседателскиот советник Михаило Подољак се осврна на тоа на Твитер претходно истиот ден, велејќи дека 1 милион бегалци и уништување на историски центри на големите градови во Украина е „цената на сè уште НЕ затвореното небо над Украина."
Тој рече дека веќе апелирал до НАТО и до Меѓународната агенција за атомска енергија. Во интервју за РСЕ на 3 март, Кулеба рече дека зоната на забранети летови ќе биде една од клучните теми што ќе ги постави на состанокот со членките на НАТО, заедно со „помош за украинските воздухопловни сили и помош за опрема за противвоздушна одбрана“.
На денешниот состанок во НАТО ќе присуствува и македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи. На состанокот ќе се дискутира за актуелните безбедносни состојби во Украина по руската воена инвазија врз земјата, како и за пошироките импликации врз евроатлантската безбедност.
Украина и Русија се договорија само за хуманитарни коридори
“Дополнително ќе стане збор за мерките и активностите што Алијансата ги презема за заштита на територијата и гарантирањето на безбедноста на сите земјите членки на НАТО, како и поддршката за Украина“, се вели во соопштениото на МНР.
Русија и Украина на вчерашните преговори во белорускиот западен регион Брест се согласиле за потребата од воспоставување хуманитарни коридори и можен прекин на огнот околу нив, соопштија преговарачите на двете страни. Ова е втора рунда на разговори меѓу двете земји со цел да се стави крај на борбите откако започна руската инвазија врз Украина на 24 февруари.