Собранието ја усвои декларацијата за осуда на инвазијата врз Украина

Седница на Собрание. Архивска фотографија.

Собранието со 100 гласа „за“, тројца „против“ и ниту еден „воздржан“ ја усвои Декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Декларацијата беше поднесена од пратеничките Моника Зајкова од ЛДП и Маја Морачанин од ДОМ, по скратена постапка.

„Сметаме дека со ништо неиспровоцираната руска агресија врз Украина, претставува еклатантно кршење на меѓународното право и со тоа ја загрозува европската безбедносна архитектура и мирот на континентот. Ние го почитуваме правото на Украина, како и секоја суверена држава, самостојно да одлучува за своето внатрешно уредување и за своите меѓународни приоритети. Бараме од надлежните институции да бидат во тесна координација со членките на НАТО и на ЕУ и да се поддржат дипломатските напори за итен и безусловен прекин на воените дејствија во Украина“, рече Морачанин.

Образложувајќи ја потребата од усвојување на Декларацијата, Зајкова, облечена во боите на украинското знаме, рече дека низ историјата, човештвото сведочело за бројни војни и внатрешни конфликти, од кои цената ја плаќале само невини човечки животи.

„Жалам што во 21. век сведочиме повторно на напад на мирот, предизвик кој на никој не ни доаѓаше ниту на сон дека ќе се соочуваме. Она што се случува денес во Украина, не е само предизвик на Украина и не ја засега само Европа или Азија, туку целиот свет. Ваквите напади, не го загрозуваат само мирот и безбедноста на Југоисточна Европа туку и мирот на Балканот“, рече Зајкова.

Собранието претходно ја усвои потребата од донесување на декларацијата. Руската инвазија на нејзиниот сосед Украина започна на 24 февруари.