Од РКЕ велат дека нафтени деривати има, а трговците редовно набавуваат гориво согласно побарувачката. Но, како што велат, оттаму за МИА, дел од малите трговци не се однесуваат фер и ја ограничуваат понудата, со што оставаат впечаток дека нема гориво.
„На тој начин си прават „залиха“, која би ја продавале по нови цени што на некој начин во услови на криза е воено профитерство“, посочуваат од РКЕ.
Од РКЕ велат и дека денеска добиле укажувања од поголем број потрошувачи дека одредени трговци на мало со нафтени деривати ја ограничувале количината, односно сумата до која го продаваат горивото што се точи во автомобилите.
Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека нема простор за никаква паника во делот на снабдување со нафта и нафтени деривати.
„За мене е несфатливо како е дојдено до оваа ситуација, бидејќи сите анализи покажуваат дека и компаниите сами имаат залихи, а дополнително имаме и согласно Агенцијата за стокови резерви и нафта и бензин и сите други деривати кои се пропишани. Ги повикувам сите граѓани да не чекаат во колони на бензинските пумпи, бидејќи нема никаков простор за паника“, рече Бектеши во гостувањето на дневникот на Сител ТВ.
Според него, создадената паниката е вештачки креирана ситуација. Тој додаде дека е недозволиво да се поставуваат лимити за колку гориво може да наточи еден потрошувач и забраната за полнење во туби, наметната од страна на одредени трговци на мало.
И РКЕ и Бектеши соопштија дека инспекторите од Пазарниот инспекторат се на терен и спроведуваат контроли.