Украина на преговорите побарала прекин на огнот и хуманитарни коридори

Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников на првите разговори со руските преговарачи во Белорусија на 28 февруари.

Украинските преговарачи на денешните разговори со руските претставници во западниот белоруски регион Брест побарале прекин на огнот и хуманитарни коридори за евакуација на граѓаните кои се опколени за време на инвазијата. Ова е втора рунда на разговори меѓу двете земји со цел да се стави крај на борбите откако започна руската инвазија врз Украина на 24 февруари.

Советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак на Твитер објави слика од него и другите преговарачи седнати на конференциска маса на непозната локација.

„Украина ќе побара итен прекин на огнот, примирје и хуманитарни коридори за евакуација на цивилите од уништените или постојано гранатирани села/градови“, рече Подољак.

Одржувањето на уште една рунда разговори доаѓа откако изолацијата на Москва се продлабочи кога повеќето земји во светот „застанаа“ против неа и побараа да се повлече од Украина, а главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд отвори истрага за воени злосторства.

Рускиот претседател Владимир Путин нареди воена операција во Украина на 24 февруари, а украинскиот претседател Володимир Зеленски прогласи воена состојба во земјата и нареди општа мобилизација. Русија зазеде само еден град, Херсон. Борбите се водат во неколку украински градови, меѓу кои Киев, Суми, Мариупол, Одеса и Харков.