Рускиот олигарх Дерипаска повика на крај на војната против Украина

Рускиот тајкун Олег Дерипаска

Рускиот милијардер Олег Дерипаска, познат по блиските врски со претседателот Владимир Путин, повика на крај на војната во Украина.

„Мирот е многу важен! Лудо е да се пролонгираат (мировните) преговори“, напиша тој во денешната објава на Телеграм.

Дерипаска, кој е санкциониран од Западот, предупреди на можна нуклеарна несреќа во која било од нуклеарните постројки на Украина за време на борбите, што ќе ги загрози Русија, Украина и Европа како целина.

„За оние кои не разбираат- секој инцидент во тие објекти ќе биде запаметен од нашите наследници во Русија, Украина и Европа во следните околу 200 години“, напиша Дерипаска.

Дерипаска е еден од неколкуте руски милијардери кои ги повикаа властите да го запрат воениот напад против Украина, која започна пред една недела.

Михаил Фридман, Пјотр Авен, Олег Тинков и Алексеј Мордашов, милјардери кои се цел на западните санкции, веќе јавно повикаа на прекин на непријателствата.

Тековната инвазија на Москва врз Украина беше причина западните земји да воведат санкции за голем број руски олигарси.

Рускиот претседател Владимир Путин нареди воена операција во Украина на 24 февруари, а украинскиот претседател Володимир Зеленски прогласи воена состојба во земјата и нареди општа мобилизација.