Собранието ја изгласа потребата од декларација за осуда на инвазијата врз Украина

Илустративна фотографија, седница на Собранието на РСМ

Собранието ја усвои Потребата од донесување Декларација за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, по скратена постапка. Со „за“ гласаа 104 пратеници, тројца беа „против“, а еден „воздржан“.

Декларација е по предлог на пратеничките од ЛДП и ДОМ, Моника Зајкова и Маја Морачанин. Зајкова, облечена во боите на украинското знаме, рече дека цената за војните низ историјата ја плаќаат невини луѓе и изрази надеж дека пратениците ќе бидат единствени во донесувањето на декларацијата.

„Законодавниот дом, како највисока институција во една парламентарна демократија, не смее да молчи на случувањата и мора итно да ја осуди воената агресија која се случува во срцето на Европа и да искаже јасна заложба за почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Во дипломатијата важи едно правило дека секое молчењето е согласност или одобрување, затоа не смееме да молчиме“, истакна Зајкова.

Пратеничката додаде и дека случувањата во Украина се еклатантно кршење на меѓународното право и сериозна закана за мирот во Европа.

Претседателот на Собранието Џафери ги задолжи Комисијата за надворешна политика и Законодавно правната комисија да расправаат по Предлог-декларацијата.

Руската инвазија на нејзиниот сосед Украина започна на 24 февруари. За денеска во Белорусија беше закажана втората рунда преговори меѓу украинската и руската делегација.