Министерството за надворешни работи соопшти дека испраќа дипломатска екипа во Украина составена од актуелниот амбасадор во земјата Крум Ефремов, заедно со уште еден искусен конзуларен работник, кои, според соопштението, ќе го водат процесот на терен при асистирањето на евакуацијата на македонските државјани и со нив поврзаните украински граѓани.
Од МНР информираат дека околу 50 македонски државјани ја имаат напуштено Украина, додека 50 се сѐ уште на украинска територија како и нивни членови на семејството, кои се украински државјани.
„Од нив, 25 ги имаат напуштено резидентните места, и во моментов се упатени низ утврдени безбедносни коридори; нивното движење постојано го следиме сѐ до нивното напуштање на земјата, а потoа, нашите амбасади и конзулати од соседните земји ги преземаат сите активности за нивен безбеден трансфер назад кон земјава“, се вели во соопштението на МНР.
Од МНР додаваат дека секое движење низ Украина е сериозно отежнато, се одвива по споредни рути кои се преполни и движењето е бавно.