Франција ја заплени јахтата на рускиот олигарх Сечин

Јахата „Аморе Веро“

Суперјахта поврзана со моќниот руски тајкун Игор Сечин, еден од најблиските соработници на претседателот Владимир Путин е запленета во Франција откако западните земји воведоа санкции за голем број руски олигарси поради тековната инвазија на Москва на Украина.

Француската влада соопшти дека го запленила бродот, во сопственост на компанија поврзана со Сечин, главниот извршен директор на рускиот енергетски гигант Роснефт, како дел од мерките преземени од Европската унија против Русија.

Заплената, исто така, доаѓа откако американскиот претседател Џо Бајден предупреди дека „ние се здружуваме со нашите европски сојузници за да ги пронајдеме и заплениме вашите јахти, вашите луксузни станови, вашите приватни авиони“.

„Како дел од спроведувањето на санкциите на Европската унија против Русија и за поддршка на Украина, ја запленивме првата јахта“, рече Оливие Дусоп, францускиот министер за јавни активности и сметки.

Според францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер, бродот „Аморе Веро“ бил запленет во бродоградилиште во близина на Марсеј, додека се обидувал да исплови.

Бродот долг 85,5 метри порано се викал „Света принцеза Олга“, но името било променето во „Аморе Веро“ откако Сечин и неговата сопруга Олга Сечина се развеле во 2017 година.

Во 2016 година, кога московскиот весник „Новаја газета“ објави истражувачка сторија за јахтата, Сечин и неговата сопруга негираа дека бродот е нивен.

Форбс пред еден ден објави дека германските власти ја заплениле 156-метарската суперјахта Дилбар, чија вредност се проценува на 600 милиони долари, која му припаѓа на рускиот тајкун роден во Узбекистан, Алишер Усманов.