Евроамбасадорот Дејвид Гир изјави дека санкциите на ЕУ против Русија се донесени на хируршки начин и за цел треба да ги имаат вистинските субјекти одговорни за агресијата врз Украина.
„ЕУ веќе се обиде да ги фокусира тие санкции за да ги има за цел токму тие коишто ги носат одлуките и се одговорни за агресијата. Меѓународниот систем е комплексен, а исто така и трговскиот систем и во тие многу комплексни околности, се прави навистина огромна работа со цел да се фокусираат дејствата, да имаат огромен ефект на Кремљ и на нивните поддржувачи и минимум влијание на населението. Се разбира дека тие дискусии одземаат многу време, затоа што мора да се осигураат дека ќе ги имаат за цел вистинските субјекти. Се разбира дека ЕУ ги прави на хируршки начин тие санкции. Значи, ние одиме чекор по чекор со внесување на санкции“, рече на новинарско прашање амбасадорот Гир на онлајн прес-конференција во врска со актуелната криза во Украина одржана заедно со амбасадорот на Франција, Сирил Бомгартнер.
Тој додаде дека веќе има и сеопфатен сет на мерки и кон Белорусија и тие санкции ќе продолжат да бидат дел од одговорот на ЕУ.
Францускиот амбасадор Бомгартнер порача дека меѓународната заедница и ЕУ делува соодветно на промените што се случуваат.
„Различните последователни санкции се донесени на едно ниво кое што никогаш досега не било постигнато затоа што навистина сите речиси ги поддржуваат и може да дадат моментални ефекти, но прогресивно ќе можеме да оцениме потоа дали ќе има ефекти. Но, одредени ефекти веќе се забележуваат затоа што рубљата е ослабена и тоа е тесно поврзана со оваа реакција на санкции и тоа не само на ЕУ, туку на целокупната меѓународна заедница. Но, не треба да ги заборавиме и индиректните ефекти од санкциите и пошироко како одговор на меѓународната заедница влијанието кое што може да го имаат тие санкции врз перцепцијата на руските граѓани“, вели амбасадорот Сирил Бомгартнер.
Гир и Бомгартнер ја поздравија и улогата на Северна Македонија, која, според нив, демонстрирала меѓународна солидарност и одговорност, веднаш се усогласила со итните санкции на ЕУ против Русија и, како што посочија, служи за пример во рамките на НАТО, со својот придонес во реакцијата на случувањата во Украина.
Европската унија во меѓувреме исклучи седум руски банки од меѓународната мрежа за размена на пораки за банкарски трансакции СВИФТ (SWIFT) како одговор на неиспровоцираната инвазија на Москва на Украина. СВИФТ е безбеден систем кој помага да се овозможи прекугранично плаќање со понепречен проток на меѓународната трговија.
Мерките, усвоени на 2 март, беа последното заострување на санкциите кон Русија координирани од Западот поради руската инвазија во Украина.