Денеска околу 15 часот по средноевропско време во Белорусија ќе започнат преговорите меѓу украинската и руската делегација, најави членот на делегацијата од Киев, Дaвид Арахами.
„Киев планира да разговара за воспоставување хуманитарни коридори пред да се префрли на други прашања“, напиша Арахами на Фејсбук.
Претходно белоруската агенција Белта, повикувајќи се на извори од руската делегација, најави почеток на преговорите во 13 часот.
Втората рунда разговори со цел да се стави крај на борбите треба да се одржи во западниот белоруски регион Брест, но мали се очекувањата дека ќе се најде заеднички јазик меѓу двете страни.
Украинскиот претседател Зеленски за Ројтерс и Си-Ен-Ен изјави дека Русија мора да престане да ги бомбардира украинските градови пред да започнат значајни разговори за прекин на огнот.
Одржувањето на уште една рунда разговори доаѓа откако изолацијата на Москва се продлабочи кога повеќето земји во светот се „построија“ против неа и побараа да се повлече од Украина, а обвинителот на Меѓународниот кривичен суд отвори истрага за воени злосторства.