Македонското семејство со новороденчето кое беше заглавено во Украина пристигна безбедно во земјава. Уште седум наши граѓани се евакуираат од Украина, а последните бројки говорат дека уште 77 македонски државјани со нив и членови на семејства кои се Украинци, се уште чекаат да бидат извлечени од таму. Ова денеска го изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи за ТВ24.
Османи додаде дека Владата ги презема сите чекори за да има непречено прифаќање на бегалци од Украина.
„Ние сме членка на НАТО и тоа менува се. Тоа е квалитативно суштинска разлика. Првпат почувствувавме како е да си дел од Алијансата. Ги повикувавме порано граѓаните да ја напуштат Украина затоа што имавме информации, НАТО гарантира безбедност. Напад врз наша територија ќе е напад врз сите 29 членки. Членството во НАТО носи и обврски. Имаме обврска да ја заштитиме територијата на НАТО“, истакнува Османи.
- Османи: Семејството со новороденче се очекува денеска да ја напушти Украина
- Османи и Ескобар разговарале за Украина
Тој истакна дека никој не е против рускиот народ, туку против агресивната политика на нивната влада.
Говорејќи за проширувањето на ЕУ во контекст на актуелната ситуација со Украина, тој рече дека дека Западен Балкан е слаба точка на ЕУ и оти сега е момент тоа да се смени.
„Се надеваме дека ЕУ ќе смогне сили и ќе направи веднаш брзи чекори, а најлесниот пат е веднаш да почне преговори со Северна Македонија. ЕУ мора да ја смени динамиката во регионот. Од четирите отворени прашања во регионоот, БиХ, Косово, РСМ и Албанија, со започнувањето на преговорите со Скопје и Тирана ќе реши веднаш две и тоа ќе помогне за затворање и на другите две“, истакна Османи.