Орбан: Унгарија нема да стави вето на санкциите на ЕУ за Русија

Виктор Орбан и Владимир Путин

Унгарија нема да стави вето на санкциите на Европската унија (ЕУ) кон Русија, а единството на 27-члениот блок е најважно со оглед на војната во Украина, која Унгарија недвосмислено ја осудува, изјави денска унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Орбан, кој е остро критикуван од унгарската опозиција поради пријателските врски со Русија, го истакна, како што рече, прилагодувањето на односите поради војната, но додаде дека тоа не треба да влијае на енергетските договори.

Оваа недела Унгарија се приклучи на иницијативата на осум лидери на ЕУ за почеток на преговори за членство на соседна Украина, но како членка на НАТО одби да транспортира оружје низ нејзината територија.

„Што се однесува до санкциите, нема да ставиме вето. Нема да ја блокираме ЕУ да воведе санкции кон Русија. Сега единството на ЕУ е најважно“, изјави Орбан во интервју за веб-страницата на весникот mandiner.hu.

„Го осудуваме рускиот напад бидејќи тие ја започнаа војната против Украина“, вели Орбан во интервјуто.

Рускиот претседател Владимир Путин нареди воена операција во Украина на 24 февруари. Пред инвазијата, тој ја призна независноста на сепаратистичките региони Доњецк и Луганск во источна Украина.