Обединетото Кралство ја обвини Русија за употреба на опасни „вакуумски бомби“ во Украина

Систем за фрлање пламен со повеќекратен ракетен фрлач и термобарично оружје

Обединетото Кралство ја обвини Русија дека распоредува системи за термобарично оружје во Украина, што ги зголемува стравувањата дека би можело да дојде до ескалација на состојбата, бидејќи Москва продолжува да го интензивира нападот врз големите градови и по една недела од инвазијата на нејзиниот сосед.

„Колку далеку Путин ќе оди, какво оружје ќе одобри за да ја постигне својата крајна цел, не е познато, но видовме употреба на огромни количества артилерија“, рече британскиот секретар за одбрана Бен Валас за време на посетата на сојузникот на НАТО, Естонија.

Украинската влада и организациите за човекови права веќе ја обвинија Русија за можна употреба на термобарично оружје, додека некои воени експерти велат дека видео снимката покажува руска воена опрема која е способна да лансира такво оружје во Украина за време на инвазијата. Русија не ги коментираше обвинувањата.

Термобаричните оружја, понекогаш наречени „вакуумски бомби“, во основа го цицаат кислородот од околниот воздух за да генерираат експлозија со повисока температура од конвенционалните бомби. Иако не се нелегални, употребата е контроверзна, затоа што тие се многу поразорни од конвенционалните експлозиви со слична големина и имаат разорно влијание врз секој што ќе се најде во нивниот радиус на експлозија.

Соединетите Држави ги користеа во Виетнам и неодамна во Авганистан за да ги уништат планинските пештери каде што се криеја милитантите. Русија ги искористи во својата војна во Чеченија во 1999 година и беше осудена од Хјуман рајтс воч поради тоа.

Термобаричното оружје од руско производство, исто така, наводно било користено во сириската граѓанска војна од страна на режимот на Башар ал Асад.