По Украина, и Грузија бара брз прием во ЕУ

илустрација

Грузија планира да поднесе барање за пристапување во Европската Унија. Потегот доаѓа откако претходно и Украина побара членство, непосредно по руската инвазија на земјата.

Претседателот на владејачката партија „Грузиски сон", Иракли Кобахиџе ја обелодени одлуката на неговата партија „веднаш да аплицира за членство во ЕУ“ на прес-конференција на 2-ри март.

Грузија планираше да ја поднесе апликацијата во 2024 година, но партијата одлучи да го забза процесот поради актуелните случувања во светот. Претходно на 2-ри март, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека тој и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел телефонски разговарале за ситуацијата на бојното поле и за дипломатските напори.

Зеленски рече дека Киев „очекува позитивни сигнали за членството на Украина во ЕУ“. Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба тврди дека Украина работи на брзо финализирање на пристапните процедури, но дека сè зависи од политичката волја на ЕУ.

Процесот на пристапување обично трае со години и бара исполнување на строги критериуми, а потребна е едногласност од 27-членови на Унијата за да се дозволи влез на нови членки. Кобахиџе ја повика ЕУ итно да ја разгледа апликацијата на Грузија.