Украинското Министерство за одбрана тврди дека руските сили се уште се „неуспешни“ во правците во кои напредуваат, а јужниот град Мариупол останува во украински раце.
Мариупол, кој беше изложен на интензивно гранатирање, се смета за важна стратешка точка за Русите бидејќи би ги обединил нивните сили на југ и на исток, пишува Би-Би-Си.
Според министерството, руските сили продолжиле да ги напаѓаат областите во близина на главниот град Киев - Вишгород, Фастив и Обухов, а неколку руски теренски кампови биле забележани и во други области.
Се додава дека руски падобранци биле забележани во регионот на Црното Море заедно со ракетни чамци кои се движат во правец на јужниот пристанишен град Одеса.
Во соопштението, исто така, се предупредуваат корисниците на интернет да не споделуваат „информации за гранатирање во реално време“, бидејќи како што се наведува, „тие би можеле да бидат од интерес за руските сили дополнително да го приспособат следниот непријателски истрел“.