Нема независни кандидати на повторените избори во Маврово Ростуше и Центар Жупа

Локални избори во Дебар

Ниту еден независен кандидат не се пријавил за учество на повторените избори за градоначалници во општините Маврово Ростуше и Центар Жупа. Ова значи дека на овие избори кандидати ќе имаат само политичките партии.

Претставниците на канцелариите на ДИК во Гостивар и Дебар Руфат Селими и Албионда Деде, кои со своите активности ги покриваат двете рурални општини, за Радио Слободна Европа изјавија дека во утврдениот рок (28 февруари), не се регистрирани кандидати кои собирале потписи за независни кандидати за градоначалник. Според нив слаб е и бројот на лицата од двете општини кои вршат увид во избирачкиот список.

Најмногу гласови на 17 октовмри на изборите за градоначалник во општина Маврово–Ростуше имаше кандидатот на СДСМ Медат Куртовски, додека во Центар Жупа кандидатот на ТДП Арјан Ибраим, но и двајцата не го добија потребниот цензус, бидејќи во двете општини миграцијата е голема.

Поради немање на цензус на локалкните избори што се одржаа на 17 октомври во општините Маврово–Ростуше и Центар Жупа не беа избрани градоначалници. Поради тоа со одлука на претседателот на Собранието Талат Џафери, нови избори се презакажани на 17 април. Поради оваа причина во двете општини Владата назначи повереници и тоа во општина Маврово Ростуше Медат Куртовски додека во општина Центар Жупа Арјан Ибраим. Тие беа поранешни градоначалници, но на локалните избори за градоначалници го немаа потребниот цензус од 33 насто.