Силна експлозија одекна во Киев во близина на министерството за одбрана

По најавите дека утре ќе се одржат разговори меѓу Русија и Украина за прекин на огнот, украинските власти соопштија дека одекнала силна експлозија во Киев. Станува збор за експлозија во близина на седиштето на украинското министерство за одбрана меѓу јужната железничка станица и хотелот Ибис.

Од Кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за новинската агенција Асошиетед прес вечерва изјавија дека станува збор за ракетен напад. Оттаму посочија дека се уште не е јасно колкава штета причинил нападот и дали има жртви од него.

Експлозијата би можела да го прекине снабдувањето со централно греење на делови од главниот град на Украина каде има ниски зимски температури, изјави советникот на Министерството за внатрешни работи Антон Херашченко.

Претходно главниот преговарач на Москва Владимир Медински изјави дека покрај прекинот на огнот на преговорите ќе се разговара и за прашањето за хуманитарен коридор во Украина. Разговорите се очекува да се одржат во Белорусија, иако се чини дека има се помалку заеднички јазик меѓу двете страни.

Потврдата за одржување на втора рунда разговори дојдоа откако Генералното собрание на ОН ја одобри резолуцијата со која се бара Русија да престане со својата агресија и да ги повлече сите свои војници од Украина.

Резолуцијата против руската агресија врз Украина беше поддржана од 141 од 193 членови на Собранието. Триесет и пет члена, вклучително и Кина, беа воздржани, а пет земји, вклучувајќи ги Русија, Сирија и Белорусија гласа против.

Во меѓувреме руското Министерство за одбрана за прв пат ги соопшти загубите на своја сметка, односно соопшти дека 498 руски војници загинале од почетокот на војната минатата недела. Портпаролот на Министерството Игор Конашенков, исто така, во видео изјава објавена на Твитер рече дека уште 1.597 руски војници биле ранети. Овие податоци не можеа да се потврдат независно.