САД ќе ги поддржи дипломатските напори на Киев за прекин на огнот

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во наредните денови ќе отпатува во Белгија, Полска, балтичките земји и Молдавија за да ја потврди поддршката на Вашингтон за Украина. Државниот секретар најпрвин утре ќе слета во Брисел на средби со колегите од Европската унија и земјите од НАТО.

Тој во едночасовното обраќање вечерва изјави дека Соединетите Држави „ќе ги поддржат дипломатските напори“ на Киев за постигнување прекин на огнот и повлекување на руските сили од Украина. Тој додава дека сепак е тешко да се води дипломатски дијалог без при тоа да се види воена деескалација.

„Ако има дипломатски чекори што можеме да ги преземеме и за кои украинската влада верува дека ќе бидат корисни, ние сме подготвени да ги преземеме, иако продолжуваме да ја поддржуваме способноста на Украина да се брани“, изјави Блинкен.

Храброста на украинскиот народ во борбата со „неоправданата неиспровоцирана и неоправдана војна“ го инспирира светот, рече Блинкен, говорејќи на прес-конференција во Стејт департментот.

Во коментарот упатен до рускиот народ, Блинкен, исто така, на прес-конференција рече дека Соединетите држави знаат дека многу од нив не сакаат да имаат ништо со одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ја нападне Украина.

На новинарското прашање „Дали Путин блефира со заканата дека е ставено нуклеарното оружје на висока готовност,Блинкен ја нарече таквата нуклеарна реторика „ голема неодговорност“.


Западните земји стравуваат дека офанзивата на Москва против Киев може да се прошири и кон Молдавија, која е исто така поранешна советска република со излез на море и граничи со Романија и Украина. Молдавија е дом на прорускиот сепаратистички регион Трансдњестар. Молдавската претседателка Маја Санду беше избрана во 2020 година на прозападна платформа.

НАТО вети дека ќе ги зајакне своите воени ресурси во источна Европа, особено во балтичките држави Литванија, Латвија и Естонија, како и Полска и Романија.