Околу 60 проценти од македонските граѓани сметаат дека заканата од ковид-19 е претерана, а половина веруваат дека вакцините против коронавирус се ефикасни, покажуваат резултатите од истражување за ставовите кон коронавирусот, спроведено од Меѓународната асоцијација Галуп на крајот на 2021 година кое вклучува околу 42 000 полнолетни граѓани од 45 земји низ светот меѓу кои и Македонија.
Над 60 отсто од македонските граѓани одговориле дека се подготвени да жртвуваат дел од своите човекови права ако тоа може да помогне во спречување на ширењето на вирусот. Во светот 44 отсто од испитаниците одговориле дека заканата е претерана.
На прашањето дали заканата од коронавирусот е претерана, 60 отсто од анкетираните граѓани на Македонија одговориле дека веруваат дека заканата е претерана, 34 проценти сметаат дека заканата од коронавирусот не е претерана и 5 отсто немаат одговор на прашањето.
Ставовите во однос на вакцината во земјата се движат околу светскиот просек. Според истражувањето, на светско ниво мислењата се поделени за ефикасноста на вакцините – половина од анкетираните се сомневаат дали тие се навистина ефикасни, додека 43 отсто не се сомневаат.
Несигурноста кон вакцините е најизразена во Африка (64%),исто така несигурност е изразена и на Блискиот Исток, Индија, Азија и Русија. Најмалку кои се сомневаат за ефикасноста на вакцината се луѓето во Австралија (78%), ЕУ (53%) и САД (51%). Овој иманентен сомнеж, според анализата на резултатите, има потенцијал да го наруши и рутинското вакцинирање.
Истражувањето покажува и дека луѓето се помалку подготвени да ги жртвуваат своите човекови права за да го спречат ширењето на вирусот две години по почетокот на пандемијата, иако подготвеноста сè уште преовладува. Сега, 60 отсто ширум светот изјавуваат дека се подготвени, па дури и многу подготвени да жртвуваат некои од своите човекови права доколку тоа би го спречило ширењето на болеста, а пред една година, 70 проценти од испитаниците изјавија дека се подготвени да се откажат од некои од своите права во борбата против Ковид-19.
Истражувањето во Македонија во 2021 година го спроведе БРИМА – македонскиот член на Меѓународната асоцијација Галуп, во периодот од 18 ноември до 2 декември 2021 година.