Полскиот премиер Матеуш Моравјецки денеска побара од претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел ЕУ како следен пакет санкции да воведе ембарго за увоз на руски гас, нафта и јаглен.
„Полска во секој момент е подготвена да воведе ембарго за руски јаглен. Потребен ни е само еден збор за уверување од ЕУ дека за тоа нема да биде казнета“, рече изјави Моравјецки на прес-конференција со Мишел на аеродромот во Жешов во југоисточна Полска.
Тој рече дека со Мишел разговарале за хуманитарната помош за украинските бегалци, кои во Полска се над 450 илјади, за помошта за Украина и за санкциите против Русија.
„Санкциите мора да бидат што подалекусежни за да ја запреме руската воена машинерија. Тоа е нужно за да можеме да се вратиме на разговорите за мир“, рече полскиот премиер.
Мишел не исклучи понатамошни санкции, но рече дека сега е приоритет примената на досегашните санкции кои се договорени во ЕУ и со сојузниците.
Русија на 24 февруари ја нападна Украина што предизвика остри осуди во целиот западен свет.