Македонскиот претседател Стево Пендаровски смета дека предлозите 4+1 во преговорите со Бугарија не се ризични. Тој во интервју за ТВ Сител изјави дека со доаѓањето на новиот бугарски премиер Кирил Петков и новата динамика во дијалогот меѓу Скопје и Софија доминантиот фокус не е на историските прашања.
„Говорот на омраза, положбата на малцинствата без мешање во внатрешните работи на двете држави, заедничкото чествување на историски фигури и периоди битни и за Македонците и за Бугарите, се неколкуте точки кои се преостанати. Она што е добро е што со доаѓањето на Петков и променетата методологија на разговарање, двете страни не даваат предоминантен фокус на историските прашања, туку се потпираат на инфраструктурните и енергетските поврзувања, на соработката во економијата, образованието, медиумите“; изјави Пендаровски.
Претседателот вели дека не гледа ништо спорно во Декларацијата за Гоце Делчев која беше доставена во Собранието, но оценува дека со неа само се влегува во непотребна политизација.
„Ја имам видено Декларацијата. Не е спорна. Но, ми се чини дека прво тоа личи на програма за чествување на ликот и делото на Делчев што е неспорно и не треба да биде политичка декларација околу која ќе се усогласуваме. Практично, се влегува во непотребна политизација. Ние генерално кажуваме дека јазикот и идентитетот се надвор од резон за разговори и Гоце Делчев влегува во тој дел, а чествувањето треба да се направи час поскоро и треба да имаме што повеќе манифестации по тој повод“,изјави вечерва Пендаровски.