Рускиот бизнисмен Абрамович го продава фудбалскиот клуб Челзи

Роман Абрамович

Рускиот бизнисмен Роман Абрамович денеска изјави дека одлучил да го продаде британскиот фудбалски клуб „Челзи“ и да ги искористи парите за основање добротворна фондација „за доброто на сите жртви од војната во Украина“.

Абрамович во соопштението на неговата веб-страница наведе дека верува оти продажбата е во севкупен интерес на тимот.

„Со оглед на сегашната ситуација, донесов одлука да го продадам клубот, бидејќи верувам дека тоа е во најдобар интерес на клубот, навивачите, вработените, како и спонзорите и партнерите на клубот“, се вели во неговото соопштение.

Абрамович додаде дека нема да ги бара назад позајмиците кои ги дал на клубот и дека продажбата нема да биде брза. Тој минатата недела неочекувано го предаде „управувањето и грижата“ на тимот на доверителите на неговата добротворна фондација.

Рускиот милијардер, кој го купи тимот во 2003-тата година, овој потег го објави на 26 февруари, откако член на британскиот парламент побара Русинот да го предаде клубот, по неиспровоцираната руска инвазија врз Украина.

Абрамович тогаш изјави дека и натаму ќе биде сопственик на клубот, но контролата на активностите на клубот ќе оди кај управителите. Сега тој вели дека им рекол на своите помошници да основаат добротворна фондација која ќе ги добие сите нето приходи од продажбата.

„Фондацијата ќе биде во корист на сите жртви на војната во Украина“, се вели во изјавата на Абрамович.

Одлуката, рече тој, била „неверојатно тешка“ и „го боли тоа што се разделува со клубот на овој начин“.