Шефот на руската делегација на преговорите со украинската страна вели дека прашањето за евентуален прекин на огнот ќе се разговара за време на втората рунда преговори на 3 март.
Владимир Медински, кој е помошник на рускиот претседател Владимир Путин, на 2 март рече дека покрај прекинот на огнот, ќе се разговара и за прашањето за хуманитарен коридор во Украина, каде руските вооружени сили продолжуваат да напаѓаат градови.
Украинското претседателство потврди дека нејзината делегација е „на пат“ кон местото на разговорите, откако Медински рече дека украинската делегација веќе го напуштила Киев.
Русија ја започна својата инвазија на Украина на 24 февруари, нарекувајќи ја „специјална воена операција“. Украинските вооружени сили реагираа со силен воен отпор, спречувајќи ги руските трупи да ги преземат сите поголеми градови.
Првата рунда преговори се одржа на 28 февруари во белорускиот регион Хомел, втората ќе се одржи во западниот белоруски регион Брест.
Според првичните проценки на Русија - речиси 500 нејзини војници загинале во Украина.
Руското Министерство за одбрана ги даде своите први проценки за жртви по започнувањето на неиспровоцираната инвазија на Украина, велејќи дека 498 нејзини војници загинале од почетокот на војната минатата недела.
Портпаролот на Министерството, Игор Конашенков, исто така, во видео изјава објавена на Твитер на 2 март рече дека 1.597 руски војници биле ранети од 24 февруари.
Бројките не можеа да се проверат независно. Засега нема коментар од Украина, која претходно соопшти дека бројот на руските жртви е близу 6.000.