Европската унија исклучи седум руски банки од меѓународната мрежа за размена на пораки за банкарски трансакции СВИФТ (SWIFT) како одговор на неиспровоцираната инвазија на Москва на Украина. СВИФТ е безбеден систем кој помага да се овозможи прекугранично плаќање со понепречен проток на меѓународната трговија.
Мерките, усвоени на 2 март, беа последното заострување на санкциите кон Русија координирани од Западот поради руската инвазија во Украина која е во тек веќе седми ден.
Исклучените банки сега имаат десет дена да го напуштат СВИФТ. Мерката се однесува и на втората по големина руска банка ВТБ, а потоа следат Банка Откритие, Новикомбанк, Промсвјазбанк, Банката Росија, Совкомбанк и ВЕБ.
Во списокот не се вклучени најголемите руски банка, Сбербанк или Газпромбанк, со цел да им се дозволи на земјите од ЕУ да плаќаат за испораките на руски гас и нафта.
„Со брзина на светлината, Европската унија усвои пакетот санкции против рускиот финансиски систем, нејзините високотехнолошки индустрии и нејзината корумпирана елита“, вели претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во соопштението.
Таа додаде дека ова е најголемиот пакет санкции во историјата на ЕУ и дека денешната одлука за исклучување на клучните руски банки од мрежата SWIFT ќе испрати уште еден многу јасен сигнал до Путин и Кремљ.
ЕУ соопшти дека одлуката, договорена со Соединетите Држави и Обединетото Кралство, ќе ги спречи банките да можат брзо и ефикасно да вршат финансиски трансакции.
„Денешната одлука се надоврзува на широките и невидени пакети мерки што ЕУ ги презема како одговор на руските акти на агресија врз територијалниот интегритет на Украина. Овие санкции ќе имаат огромни и тешки последици за Русија“, се вели во соопштението на ЕУ.
Во посебна акција, ЕУ, исто така, ги забрани емитувањата на РТ, порано позната како „Русија денес“ и Спутник како „важен чекор против операцијата за манипулација на Путин и затворање на чешмата за руските државни медиуми во ЕУ“.
Мерката ги ограничува каналите на Спутник и РТ насочени кон Британија, Германија и Франција, како и неговите канали на англиски и шпански на европскиот медиумски пазар, без оглед на нивниот дистрибутивен канал.
На 1 март Google Europe соопшти дека ги блокира каналите на YouTube поврзани со РТ и Спутник.