Текстилна работничка од Делчево ја доби првата судска пресуда против нејзината сопственичка која треба да и исплати парична казна од 31.530 денари како и да ги надомести трошоците во постапката од 105,924 денари.
Здружението „Гласен Текстилец“ кое ја поднесе кривичната пријава, соопшти дека ја поздравува судската одлука и дека сака да се воспостави конечна пракса во однос на кривичните дела за работните односи.
Од здружението наведуваат дека пријавата против сопственичката на делчевската текстилна фабрика е за „повреда на права од работен однос“ и „фалсификување на исправа”.
„Основното јавно обвинителство Делчево поднесе обвинение против осомничените лица за горенаведените лица бидејќи лицето како управител на Аледам Фешн од Делчево не се придржувала кон член 97 од Законот за работни однос за престанок на работен однос од деловни причини и не и исплатила испратнина на работничката-оштетена на постапка и како управител на правното лице Палтекс АД од Делчево во име и за сметка на правното лице направила лажна исправа договор за вработување со оштетената работничка, кој договор непотпишан од страна на работничката го употребила пред инстититуциите во државата,“ се вели во соопштението на „Гласен Текстилец“.
Здружението наведува и дека е потребна поголема сензибилност за јавното обвинителството и судовите во државата за кривични дела застапени против работните односи, како и да почне да се практикува Кривичниот законик, а не како што велат, како досега само да биде запишано на лист хартија и да се третираат како прекршување на работни односи.
„Ова се кривични дела предвидени согласно Кривичниот Законик и време е во пракса да се третираат како такви, се со цел да се намалат овие девијантни појави и злоупотреби на грбот на работниците,“ велат во соопштението од „Гласен Текстилец“.