Комисијата за заразни болести препорачува укинување на сертификатите кои сега се задолжителни за влез во трговските центри, освен во местата каде што се служи храна. Одлуката како што велат се должи поради намалувањето на заразени и хоспитализирани во изминативе четири недели.
„Донесовме еден заклучок, а тоа е да се препорача укинување на сертификатите задолжителни за присуство на моловите, односно каде не е задолжително носење маски. Ова е еден чекор во насока на олеснување на рестрикциите, но секако за следниот развој ќе бидеме многу внимателни, бидејќи не сакаме со нагло отфрлање на сите мерки да постигнеме неочекувани резултати“, рече денеска на прес-конференцијата по состанокот, претседателот на Комисијата Александар Петличковски.
За кафеаните и рестораните сертификатите остануваат, додека за укинување на маските во училиштата не било дискутирано на Комисијата.
Како што информира портпаролот на Комисијата Злате Мехмедовиќ, епидемиолошката состојба во училиштата е стабилна. Скринингот покажал мала трансмисија на вирусот помеѓу учениците, но би требало да се земе предвид дека скринингот е направен додека на сила е мерката за носење маска.
„Не е направен скрининг без маски во училиште и со таква мерка имаме таква трансмисија на вирусот. Дали би можеле да очекуваме исти резултати кога би ја укинале мерката, кога би ја промениле епидемиолошката состојба актуелна на теренот, тоа е нешто што епидемиолошки е нелогично ако се случи укинување на маските тогаш би требало да направиме веројатно нов скрининг и да се следи ситуацијата каква би била на трасмисија на вирусот доколку имаме такви нови околности“, наведе Мехмедовиќ.
За зголемување на опфатот на вакцинација, Комисијата од денеска почнува кампања преку која сите граѓани кои спаѓаат во ризичните групи, а кои не примиле вакцина или пак „бустер“ доза ќе добиваат СМС порака со покана за вакцинација.
Според пресметките од Мој термин 260.000 граѓани спаѓаат во ризичната група, половина од нив не се целосно вакцинирани, а другата половина нема примено „бустер“ доза. Според последните податоци на здравствените власти 41% од вкупното население е целосно вакцинирано.