Македонија ги олеснува условите за влез за украинските бегалци

Влада на РСМ

Владата ги задолжи надлежните институции во најскоро време да достават информации за расположливите државни сместувачки капацитети со цел подготвување за евентуална бегалска криза. Ова ќе се однесува дополнително и за украинските државјани кои се затекнати во Македонија и не можат да се вратат во Украина заради безбедносни причини. Нив ќе им биде овозможено продолжување на престојот во земјава.

Владините портпароли соопштија дека за тие граѓани кои што ќе бидат приморани да ја напуштат земјата, Македонија ќе им го олесни влезот и нема да мора да се прикажува негативен ПЦР тест поради хуманитарни причини. Ова е еден од заклучоците од денешната седница на Владата, соопштија владините потпароли на прес конференцијата.

Владиниот портпарол Душко Арсовски испрати порака до граѓаните поради се позачестениот говор на омраза во врска со руско-украинскиот конфликт. Тој истакна дека „треба да се осуди она што се случува во Украина со пораката дека Северна Македонија силно го осудува чинот на отворена воена агресија од страна на Русија врз Украина“.

„Оваа воена агресија е несомнено кршење на меѓународното право и закана за евроатланската безбедност. За ова треба да бидат сите свесни и така да се однесуваат“, изјави Арсовски.

Повеќе од половина милион луѓе ја напуштија Украина откако Русија ја започна својата инвазија минатата недела, соопштија вчера од Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР). Километарски редици беа формирани на граничните премини со соседна Полска, Молдавија, Унгарија, Романија, Словачка. Пребегани има и во Белорусија.

Од Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија за Радио Слободна Европа потврдуваат дека заклучно со 28 февруари, немало искажано интерес кај украински државјани, бегалци од руската инвазија, за доаѓање во земјава. За оние кои сакаат да им помогнат од Амбасадата отворија сметка за собирање средства за поддршка на Украина, со назнака дека парите ќе бидат искористени за хуманитарни потреби.

Капацитети за сместување бегалци има и во прифатно-транзитните центри „Винојуг“, на јужната и „Табановце“ на северната граница кои беа најактуелни за време на бегалско-мигрантската криза во 2015 година. Центрите можат да обезбедат краткорочно сместување за вкупно 971 лице.

Русија на 24 февруари ја нападна Украина што предизвика остри осуди во целиот западен свет.