Украинскиот градоначалник на Киев, Виталиј Кличко, денеска изјави дека руските војници го опколиле главниот град на Украина и планираат да го „задушат“ преку блокада додека продолжуваат нападите на Москва врз украинските градови. Тој во денешното интервју за Current Time изјави дека дека украинските војници продолжуваат да ги попречуваат таквите обиди на руските трупи и дека наидуваат на диверзантски групи кои дејствуваат во Киев.
„Во овој момент, нашите момци им враќаат соодветен одговор. Дури и групите што стигнуваат до периферијата на Киев се отфрлени неколку километри наназад“, рече Кличко, поранешен светски шампион во бокс во тешка категорија.
Тој додаде дека Украинците ќе направат сè што можат за да ја спречат секоја можна блокада.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Кличко рече дека ситуацијата во Киев е „напната, но релативно мирна“, нагласувајќи дека и покрај интензивното гранатирање на градот од страна на руските војници, комуникацискиот сектор функционира во главниот град на Украина.
Тој додаде дека телевизиската кула бомбардирана од Русите на 1 март повторно работи.
„Огромен број луѓе, цивили учествуваат во одбраната на градот... Имаме нашите партнери, нашата волја, нашата сакана земја, од која нема да се откажеме“, изјави Кличко.
Русија на 24 февруари ја нападна Украина што предизвика остри осуди во целиот западен свет.