Европската унија ги забрани руските медиуми Russia Today и Sputnik. Брисел смета дека преку нив Кремљ се обидува да манипулира со информации вклучително и дезинформации.
Според соопштението, забраната за емитување важи за сите средства за пренос и дистрибуција, како што се кабелските, сателитските оператори, IPTV платформата, веб-страниците и апликациите.
„Суспендирани се сите лиценци, овластувања и договори за дистрибуција. Важат во сите земји-членки на ЕУ и се директно применливи“, се вели во соопштението.
Во однос на одлуката, Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека информациите што се пласираат во медиумите се особено важни во време на војна.
„Сведоци сме на масовна пропаганда и дезинформации по повод овој невиден напад на слободна и независна земја. „Нема да дозволиме апологетите на Кремљ да ги шират своите токсични лаги кои ја оправдуваат војната на Путин или да го посеат семето на поделба во нашата Унија“, рече таа.
Високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел оцени дека Русија ја користи манипулацијата со информации како „оперативна алатка“.
„Денес правиме важен чекор против манипулацијата на Путин и затворањето на чешмата за руските медиуми во ЕУ под државна контрола. Веќе го санкциониравме раководството на РТ, вклучително и главната уредничка Маргарита Симонјан и логично е да ги таргетираме и активностите што организациите ги спроведуваат во рамките на нашиот сојуз“, изјави Борел.