Навални повика на секојдневни протест против руската инвазија врз Украина

Протест против руската инвазија врз Украина во Санкт Петерсбург на 27 февруари

Затворениот руски опозиционер Алексеј Навални повика на секојдневни протести против неиспровоцираната руска инвазија врз соседна Украина, велејќи дека Русија не може да стане „земја на исплашени тивки луѓе.
Во долгата низа објави на Твитер денеска, критичарот на Кремљ остро го нападна претседателот Владимир Путин, кого го нарече „очигледно луд цар“.

„Да не станеме земја на исплашени тивки луѓе, на кукавици кои се преправаат дека не ја забележуваат агресивната војна што нашиот очигледно луд цар ја започна против Украина“, напиша Навални.
„Путин не е Русија“, напиша тој.

Навални е најгласниот критичар на режимот на Путин. Тој беше затворен во 2021 година по неговото враќање во Русија од Германија, каде што се опоравуваше од речиси фаталното труење со советски нервен гас. Тој беше отруен во Сибир, а во кома беше пренесен во Германија.

Навални го обвини Путин за обидот за негово убиство. Кремљ постојано негира дека се обиделе да го убијат Навални.

Протести за поддршка на Украина во светот

Од почетокот на инвазијата на 24 февруари, во Русија има спорадични протести против војната, но полицијата брзо ги разбива.

Според ОВД-инфо, непрофитна организација која ги следи полициските апсења ширум земјата, досега во Русија биле уапсени над 6800 луѓе за антивоени акции.