БиХ се усогласи со првиот пакет ЕУ-санкции за Русија, објави Борел

Жозеп Борел

Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за заедничка надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, потврди дека и Босна и Херцеговина ја почитувала одлуката за воведување санкции против Русија. Тој го наведе тоа во Декларацијата за усогласување на одредени земји во врска со рестриктивните мерки во однос на руските акции кои ја дестабилизираат ситуацијата во Украина.

Декларацијата објавена од Борел потврдува дека, покрај БиХ, на одлуката ќе се приклучат и земјите кандидати како Северна Македонија, Црна Гора и Албанија, како и земјите од ЕФТА, вклучувајќи ги Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, кои се членки на Европската економска зона.

Видете и ова: Русија пред Судот во Хаг и лекциите од Балканот


Ова е првиот пакет санкции што стапија на сила на 23 февруари откако Русија ги призна сепаратистичките територии Доњецк и Луганск како независни и пред почетокот на инвазијата на Украина.

Воведени се санкции против 351 пратеник на руската Дума и 27 физички и правни лица кои придонеле за загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина, вклучително и руски банки кои финансирале руска војска и други операции на тие територии.