Османи и Ескобар разговарале за Украина

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи и заменик помошник државниот секретар и специјален претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар

Инвазијата на Русија врз Украина била тема на телефонскиот разговор меѓу министерот за надворешни работи, Бујар Османи и заменик помошник државниот секретар и специјален претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Од македонското МНР соопштија дека министерот Османи ја реафирмирал државната позиција за остра осуда на воената интервенција, упатувајќи притоа и повик за прекин на воените дејствија и повлекување на руските воени сили.

„Во рамки на разговорот беше поздравена светската осуда на воената инвазија, при што беше забележано дека недостасува соодветна реакција од страна на НР Кина со јасна осуда за руската агресија. Во таа смисла, беше истакната потребата од заеднички глобален повик до Русија за прекин на воените активности што претставуваат закана за европската и целокупната меѓународна безбедност“, се наведува во соопштението на МНР.

Османи и Ескобар зборувале и за билатералните односи, а Османи се заблагодарил за континуираната поддршка од САД, како и целокупниот придонес за стабилноста и демократскиот развој на Западен Балкан. Тој ја нагласил потребата за зајакнато американско присуство во регионов, како силна гаранција за регионалната и европската безбедност, соопштуваат од Министерството за надворешни работи.