Персоналот од конзулатот на Грција во Мариупол, заедно со грчките новинарски екипи денеска ќе бидат евакуирани од украинскиот град, а предвидено е да остане еден дипломат, за конзулатот да продолжи да работи, јави дописничката на МИА од Атина.
Од конзулатот соопштија дека согласно најавите од руска страна, денеска ќе отвори хуманитарен коридор за излез од Мариупол, а заедно со персоналот и новинарите, може да се евакуираат и грчки граѓани, доколку поседуваат нивни автомобили.
Планирано е поворката автомобили да се упати кон Запорожје, а од таму, во зависност од условите кон границите со Молдавија и Романија.
Новинарските екипи од Грција кои во изминатиот период известуваа од Мариупол, беа сместени во конзулатот и денеска, заедно со персоналот ќе тргнат кон Грција.
Конзулатот во Мариупол ќе продолжи да работи, со оглед на тоа дека ќе остане конзулот.
Во петокот беше затворена грчката амбасада во Киев, а од Министерството за надворешни работи на Грција, соопштија дека било одобрено барањето на амбасадорот, заедно со персоналот да го напуштат градот.
Русија на 24 февруари изврши воена инвазија врз Украина, а многу градови се бомбардирани.