Ангеловска-Бежоска: Не очекуваме позначителни ефекти од исклучувањето на дел од руските банки од СВИФТ

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска

Не очекуваме позначителни ефекти од исклучувањето на дел од руските банки од СВИФТ системот, односно меѓународна платформа за брзо и ефикасно извршување на плаќањата, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

„Сите руски банки не се исклучени од СВИФТ, а исто така постојат и други алтернативни платформи коишто можат да се користат за извршување на плаќањата. Исто така, финансиските обврски и финансиските побарувања кон овие две земји се помалку од еден процент од вкупните финансиски средства и обврски“, истакна Ангеловска-Бежоска во гостување на вестите на ТВ24.

Таа наведе неколку причини зошто не се очекуваат посериозни ефекти од санкцијата со која се предвидува исклучување на дел од руските банки од СВИФТ платформата.

„Странските директни инвестиции од овие две економии учествуваат со само 0,5 проценти во вкупните, но не се присутни во сферата на банкарскиот систем. Во овие околности, ова е предност за нашиот банкарски систем, за разлика од други економии во нашето соседство, каде има присуство на руски банки и коишто се соочуваат со одредени потешкотии поради новонастанатата состојба“, рече Ангеловска-Бежоска, додавајќи дека централната банка не гледа ризици за нашиот банкарски и финансиски систем.

Гувернерката уште еднаш посочи дека не би имале позначајни директни ефекти од руско-украинската криза поради малата директна трговска и финансиска поврзаност со овие две економии.

„Трговската размена со овие две економии учествува со само два проценти во вкупната трговска размена, а кај финансиските текови поврзаноста е уште помала. Поаѓајќи од овој контекст, јасно е дека ние не би имале позначајни директни ефекти, вклучително и преку санкциите коишто тековно се изрекуваат“, вели Ангеловска-Бежоска.