Путин потпиша указ со кој се забранува изнесување над 10 илјади долари од Русија

Илустрација

Рускиот претседател Владимир Путин денеска потпиша указ со кој се забранува изнесување готовина и „монетарни инструменти“ од земјата во странска валута во износ повисок од 10 илјади американски долари.

Указот за дополнителни привремени економски мерки за осигурување на финансиската стабилност на Русија е одговор на санкциите кои западните земји ги воведоа против Русија поради воената инвазија врз Украина.

Останатите мерки кои Путин ги воведе оваа недела вклучуваат обврска руските извозници да продадат 80 отсто од своите приходи во странска валута и ограничување на девизното работење.

Резидентите веќе нема да можат да уплаќаат странска валута на своите сметки во банките и организациите во странство, како ни да уплаќаат пари без отворање банкарска сметка со користење електронски средства за плаќање кои им се на располагање на странските даватели на услуги во сферата на платниот промет.

Русија ја нападна Украина на 24 февруари година, што наиде на жестоки критики од целиот западен свет.