Европскиот парламент усвои резолуција со која ги повикува европските институции да го одобрат кандидатскиот статус за Украина. За резолуцијата гласаа 637 пратеници, 13 беа против, а 26 воздржани.
Во пресрет на гласањето се одржа емотивна дебата, а неколку пратеници беа облечени во боите на украинското знаме. Знамето на оваа земја беше истакнато во салата каде се одржуваше дебатата, како и надвор од зградата на Европскиот парламент. На европските претставници преку видео врска им се обрати и претседателот на Украина Владимир Зеленски.
„Мило ми е што ги обединивме сите земји од ЕУ. Но, не знаев дека ова е цената што треба да ја платиме: трагедија, илјадници убиени, две револуции, една војна и пет дена целосна инвазија“, им рече Зеленски на присутните.
Зеленски вчера изјави дека потпишал официјално барање Украина да се приклучи на Европската унија. Тој побара од Европската унија да и дозволи на Украина веднаш да добие членство по посебна процедура, бидејќи таа се брани од инвазија на руските сили. Претседателите на осум држави од централна и источна Европа потоа ги повикаа земјите-членки на Европската Унија веднаш да и дадат на Украина статус на земја-кандидат за членство во ЕУ и да започнат преговори за членство.
Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола за време на својот говор потврди дека наредила забрана за влез во просториите на парламентот за кој било претставник на Кремљ, бидејќи, како што рече, „на агресорите и поттикнувачите на војна немаат место во Домот на демократијата."
„Ја признаваме европската перспектива на Украина. Како што јасно вели нашата резолуција, ние го поздравуваме, барањето на Украина за кандидатски статус и ќе работиме на таа цел. Мораме заедно да се соочиме со иднината“, изјави Мецола.