Руски православни свештеници повикуваат на прекин на војната во Украина

Илустративна фотографија/ Средба на Светиот синод на Руската православна црква, 29 декември 2021 година

Преку отворено писмо шеесетина руски православни свештеници повикаа на итно запирање на војната во Украина. Во писмото се наведува дека свештениците „ја почитуваат слободата на која било личност дадена од Бога“, како и дека народот на Украина „мора да го направи својот избор сам, а не со пушки и притисок од Западот или Истокот“.

Притоа се додава дека свештениците сочуствуваат со страдањата на луѓето во Украина.

Многу ретко се случува толку голем број верски свештеници на православната црква отворено да ја предизвикаат власта на претседателот Владимир Путин. Во последните години Руската православна црква и нејзиниот водач, патријархот Кирил, кој не го потпиша писмото, целосно ја поддржаа политиката на Путин.

Засега нема коментар или друга реакција од патријархот Кирил или од други руски претставници.


Претходно повик за прекин на војната упати и вселенскиот патријарх Вартоломеј, духовен водач на околу 300 милиони православни христијани ширум светот со седиште во Истанбул. Вартоломеј ја нарече војната одвратна и изрази солидарност и поддршка со украинската црква.

Во 2019 година, Вартоломеј и додели автокефалност на Православната црква на Украина, правејќи ја независна, во историското одделување на кое силно се спротивстави Русија.

Војната ја осуди и Папата Франциск, кој посочи дека „секоја војна е срамна капитулација“.

Војната во Украина започна пред 6 дена, кога руските воени сили влегоа на територијата на својот сосед.