Според податоците на Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) над 660.000 бегалци ја напуштиле Украина по руската инвазија што почна на 24 февруари. Проценките се дека уште еден милион луѓе се внатрешно раселени додека беснеат борби во многу области низ земјата.
Како што соопштија од ОН, нивна претпоставка е дека 12 милиони луѓе во Украина ќе имаат потреба од помош и заштита, додека на повеќе од 4 милиони украински бегалци можеби ќе им треба заштита и помош во соседните земји во наредните месеци. Затоа упатија итен апел за хуманитарна помош од 1,7 милијарди долари за погодените.
„Го разгледуваме она што може да стане најголемата бегалска криза во Европа овој век. Иако видовме огромна солидарност и гостопримство од соседните земји при приемот на бегалците, вклучително и од локалните заедници и приватните граѓани, ќе биде потребна многу поголема поддршка за да им се помогне и да се заштитат новодојдените“, изјави шефот на УНХЦР, Филипо Гранди.
Во повикот УНХЦР бара 1 милијарда долари за помош на 6 милиони луѓе внатре во Украина во првите три месеци. Дополнително се проценува дека ќе требаат уште најмалку 550 милиони долари за помош на бегалците во Полска, Молдавија, Унгарија, Романија, Словачка и другите земји во регионот кои секојдневно примаат илјадници бегалци од Украина.