Западните санкции никогаш нема да ја принудат Русија да го промени својот став кон Украина, соопшти денеска Кремљ, пренесува Ројтерс. Одговарајќи на серијата западни санкции поради руската инвазија на Украина, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави:
„Тие сметаат дека ќе не принудат да ја смениме нашата позиција. Тоа не доаѓа предвид“.
Песков на новинарите им изјави дека претседателот Владимир Путин бил информиран за првата рунда разговори меѓу руските и украинските претставници во понеделникот, но дека е премногу рано да се суди за исходот.
„Нема планови за разговори меѓу Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски“, рече тој, додавајќи дека Москва продолжува да го признава Зеленски за лидер на Украина. Зеленски, рече тој, може да спречи дополнителни жртви доколку даде наредба да се положи оружјето.
Украина одби да се предаде, а нејзините сили пружија силен отпор на рускиот напад од север, исток и југ, што Москва го опишува како специјална операција за демилитаризација и „денационализирање“ на земјата. Ваквиот изговор Киев и Западот го отфрлаат како воена пропаганда. Песков ги отфрли наводите за руските напади врз цивилни цели и употребата на касетни бомби и вакуум бомби како лажни. Тој категорично негираше дека Русија извршила воени злосторства.
Зеленски претходно изјави дека Русија истрелала ракети врз градот Харков на 28 февруари, нагласувајќи дека тоа е „очигледно воено злосторство“.
Меѓународниот кривичен суд претходно објави дека внимателно ја следи ситуацијата во Украина. Обвинителството на овој суд соопшти дека со „растечка загриженост“ го следи развојот на настаните и потврди дека ќе го истражи секое злосторство против човештвото или воено злосторство извршено во Украина. Украина веќе поднела тужба до Врховниот суд на ОН во Хаг.